Демонстрација на прецизно земјоделство: Унапредување на дигитални алатки за одржливо управување со фарми во винаријата Киево
Date: 29.10.24
Written By: Darko Jancheski
На 25ти октомври нашиот тим на агрономи успешно одржа настан на производствениот капацитет на винаријата Киево со цел Демонстрација на фарма – Прецизни алатки за оптимизирано земјоделско производство. Главната цел на овој настан беше да се демонстрира имплементација на концептот на дигитално и прецизно земјоделство и начинот на имплементација на нашиот систем за советување и управување со фарма – РАМАС, како алатките од системот секојдневно му служат на земјоделецот и кои се придобивките од дигитализација на процесите и оптимизација на инпутите. Нашиот соработник Филип Камчев, сопственик на винарија Киево, а воедно и корисник на РАМАС во голема мера како домаќин придонесе за овој настан да биде успешно извршен со тоа што несебично ги сподели своите знаења и искуства со учесниците на настанот. Со овој млад земјоделец соработуваме повеќе од 1 година, а оваа демонстрација беше одлична можност да ги презентираме резултатите, новите сознанија, како и предизвиците со кои се сооочуваме и од кои заедно учевме во овој процес.
Дополнително, заедно со учесниците направивме проценка, евалуација и дискусија за демонстрацијата на фарма и со оваа активност ги сумиравме нивните ставови, искуства и знаења на споделената тема. Работниот ден, по презентацијата, заврши со работилница на тема Проценка на резултати од дигитализација на ниво на бизнис процеси. Преку претходно дизајнирано „дрво на вредности“ прикажавме различни резултати од дигитализација од повеќе аспекти (управување со фарма, економски, еколошки и резултати за благосостојба на земјоделецот) што придонесе да се започне дискусија и да се процени моменталната состојба на нашите простори од различни гледишта.
Дискусијата и резултатите од активностите ќе дадат придонес за истражувањето што се спроведува како дел од проектот КОДЕКС, поддржан од Хоризонт РИА програмата, чија главна цел е да ја подобри мотивацијата и капацитетот на европските земјоделци да ја разберат и да ја усвојат дигитализацијата која ќе поттикне одржливи и трансформативни промени.