Аг Футура Технологии на АГРОМАК 2025: Заедно кон одржливо и дигитализирано земјоделство

Date: 08.04.25

Written By: Darko Jancheski

Аг Футура Технологии учествуваше на Првата меѓународна научно-агробизнис конференција АГРОМАК2025, која се одржа од 04 до 06 април 2025 година. Настанот претставуваше значајна платформа за размена на знаења и добри практики помеѓу научната заедница, агробизнис секторот и релевантните институции од областа на земјоделството.

Во рамките на конференциската програма, нашиот главен агроном Марио Петковски беше дел од панел-дискусијата на тема „Принципи на интегрирана заштита на растенијата – практична примена во конвенционалните и органските фарми“. Тој ги сподели искуствата и стручните согледувања на Аг Футура Технологии, стекнати преку долгогодишна теренска работа со земјоделци и агро-партнери.

Дополнително, на конференцијата беше претставена и мисијата на нашата компанија, со особен акцент на тековните проектни активности насочени кон примена на напредни дигитални технологии. Сателитските податоци, IoT решенијата и вештачката интелигенција се само дел од технолошките алатки кои ги користиме за унапредување на земјоделските практики, зголемување на безбедноста на храната и намалување на јаглеродните емисии преку одржливи решенија.

Изразуваме голема благодарност до Комора на органски производители и Меѓународен Славјански Универзитет за поканата и можноста за учество. Ваквите настани претставуваат важен чекор кон градење силни партнерства и проширување на позитивното влијание што го имаме во агро-иновациите на национално и европско ниво.

 

?>