Пролетна сеидба во рамки на проектот КАРБОНИКА
Date: 24.04.25
Written By: Darko Jancheski
Аг Футура Технологии, во соработка со Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, успешно ја спроведе пролетната сеидба на експерименталните полиња предвидени во рамки на проектот КАРБОНИКА.
Во втората експериментална година, како главни култури беа засадени пченка и сончоглед, со цел споредба на резултатите од употреба на различни земјоделски практики. Дел од полињата се обработуваат според конвенционални практики, додека другите се обработуваат по земјоделски практики со намалени количини на јаглеродни емисии. Во рамки на овие практики, пченката е комбинирана со грав како меѓуредова култура, а кај сончогледот ќе биде посеан јачмен како покривна култура.
Дополнително, за време на сеидбата беа спроведени и мерења со КАРБОНИКА Алатникот, преку кој беа следени параметри како температура и влажност на почвата, како и концентрацијата на CO₂.



Овие активности се дел од визијата на проектот КАРБОНИКА за поддршка на јаглеродното земјоделство како решение за одржливо производство и намалување на емисиите на стакленички гасови.