
Проект
CDA
Центар за дигитално земјоделство
| Акроним | CDA |
|---|---|
| Финансирање | Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) |
| Времетраење | 1 година (01.09.2021 – 01.09.2022) |
| Координатор | AGFUTURA Technologies |
Преглед
Предмет на овој проект е услужна иновација вградена во CDA, која се состои од 3 клучни компоненти: ЕДУКАЦИЈА за дигитално земјоделство (DA) и прецизно земјоделство (PA) со висок степен на применливост; КОНСАЛТИНГ за воведување на DA / PA; АГРОТЕХНИЧКИ УСЛУГИ за извршување прецизни операции со помош на дрон.
Проектот CDA е мотивиран од неколку стратешки идеи. Прво, климатските промени, изразени преку зголемени температури на воздухот и сезонски непредвидливи количества врнежи во текот на годината; второ, зачестената појава на болести и штетници во комбинација со несоодветна примена на агротехничките мерки (заштита, исхрана и наводнување); трето, предизвикот за земјоделците да ги разберат практичните и економските ефекти од примената на технологиите за дигитално земјоделство. Одговорот на овие предизвици лежи во трите димензии (едукација, консалтинг и агротехнички услуги) од кои се состои концептот CDA.
Компонента ЕДУКАЦИЈА – Спроведувањето на едукативните процеси на пилот-фарма опремена со дигитални технологии гарантира висок степен на применливост, што овозможува многу полесно совладување на сложениот стручен материјал. На овој начин се очекува потенцијалните клиенти многу полесно да ги согледаат придобивките од користењето на ваков вид технологии и да ги применуваат во иднина.
Компонента КОНСАЛТИНГ – Нудејќи консалтинг услуги во процесот на воведување на DA / PA во агробизнисот во различни подсектори, им обезбедуваме поддршка на клиентите во процесот на одлучување за ваков вид инвестиција. Имено, преку услугите за проценка на потребите, дефинирање на видот на опремата и поддршка при имплементацијата и користењето, ќе овозможиме многу полесна транзиција од конвенционален кон современ начин на производство поддржан со дигитални технологии.
Компонента АГРОТЕХНИЧКИ УСЛУГИ – Нудејќи услуги за сеидба, ѓубрење и заштита на растенијата со помош на дрон, поддржани со тековното зонирање и услугите за PA, AGFT овозможува трансформација на земјоделското производство во насока на негова оптимизација, со капацитет да ги исполни стандардите за безбедност на храната и заштита на животната средина.